Од 30 септември – патувањето во САД ќе ве чини двојно повеќе

Патувањето во САД наскоро ќе стане уште поголем финансиски предизвик за граѓаните од Европа и пошироко. Од 30 септември 2025 година, американските власти воведуваат сериозно зголемување на административните такси за влез во земјата, со што ќе се погоди огромен број патници кои ја користат Програмата за укинување на визи.

Најзначајната промена е кај ESTA – електронскиот систем за авторизација на патување, кој е задолжителен за државјани на повеќе од 40 држави, меѓу кои се и Хрватска, Германија, Франција, Италија и Обединетото Кралство. Досегашната такса изнесуваше 21 долар, а новата цена ќе биде 40 долари – речиси двојно повеќе.

Но, тоа не е единствено. Зголемување има и кај копнениот влез преку гранични премини, каде што патниците досега плаќаа само 6 долари за формуларот I-94, додека новата цена ќе биде дури 30 долари. Со тоа, дури и за оние што патуваат со автомобил или автобус, патувањето станува многу поскапо.

Посебна категорија на засегнати се патниците од Кина, кои ќе мора да издвојат и дополнителни 30 долари за системот EVUS (Електронски систем за ажурирање на визи).

ИНТЕРЕСНО:  Хамас ќе пушти Црвениот крст до заложниците, но со услови

Сите овие мерки се воведуваат во момент кога САД се соочуваат со пад на меѓународниот туризам. Според Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC), само во 2025 година земјата ќе изгуби околу 12,5 милијарди долари приходи од странски туристи, што ја прави единствената меѓу 184 анализирани држави со негативен биланс.

Дополнително, во јавноста кружат информации за уште една и тоа екстремно висока давачка – т.н. „такса за интегритет на виза“ во износ од 250 долари, која ќе важи за државјани на земји што не се дел од Програмата за укинување на визи. Американското Министерство за домашна безбедност потврди дека за оваа такса е потребна меѓуагенциска координација, но ако биде воведена, ќе значи дополнително финансиско оптоварување за милиони луѓе кои сакаат да патуваат во САД.

Со ваквите поскапувања, останува прашањето: дали Америка сака да привлече туристи или намерно поставува бариери, со што ќе си нанесе уште поголема економска штета во време кога туризмот и онака ѝ бележи пад?


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО