Иако цената на образованието постојано расте, јавните инвестиции на земјите-членки на Европската унија бележат пад. Според последните податоци на Евростат, просечното учество на трошоците за образование во БДП на ЕУ е само 4,66% – што е најниско ниво во последната деценија, од 2013 наваму.
Овие бројки ги вклучуваат сите степени на образование – од предучилишно до високо. Но, разликите меѓу државите се огромни. Најниско на листата е Хрватска, која издвојува само 1,54% од својот БДП за образование, а веднаш по неа следуваат Романија, Србија и Турција. Интересно е што токму Хрватска бележи и најголемо намалување на буџетот за образование – пад од 2,38% во периодот меѓу 2019 и 2022 година.
На спротивниот крај на скалата е Шведска со речиси 7% од БДП вложени во образованието, проследена од Исланд и Белгија со над 6%. Финска и Данска се веднаш зад нив, што потврдува дека нордиските земји остануваат лидери во приоритетот кој му го даваат на образовниот систем.
Кога се гледа распределбата на јавните трошоци, најголем дел – 40,6% – оди за основното и пониското средно образование. Високото образование добива 26,3%, повисокото средно образование 21,6%, а најмалку средства се издвојуваат за предучилишното образование – само 11,4%.
Но прашањето е колкава е директната поддршка за ученици и студенти. Просечно, учениците во повисоко средно образование добиваат околу 1.766 евра годишно, додека за учениците во основно образованието сумата е многу пониска – 533 евра. И тука има големи разлики: Норвешка и Данска се најдарежливи, со повеќе од 8.000 евра годишно по дете, додека Грција, Хрватска и Чешка се на дното.
Најчеста форма на поддршка во повеќето земји се стипендиите. Сепак, во Холандија, Шведска, Норвешка и Исланд поголем дел од помошта доаѓа преку студентски кредити – што го отвора прашањето дали поддршката е вистинска помош или долгорочен товар за младите.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).