Изложба што буди спомени
Во пресрет на деветтото издание на манифестацијата „Текстилијада“, организацијата „Гласен текстилец“ најавува уникатна изложба со наслов „Градот што шиеше историја“. Изложбата ќе се одржи на 3 и 4 октомври и има за цел да потсети на индустриското наследство на Штип – град кој половина век живееше од текстилството и каде фабриките „Македонка“ и „Астибо“ вработуваа над 7.500 работници.
Повик до штипјани: Донирајте спомени
Организаторите упатија јавен повик до граѓаните да учествуваат со лични предмети кои сведочат за текстилната ера – шивачки машини, книги, фотографии, весници, материјали, алати и облека.
„Сите предмети ќе бидат задолжени и по завршувањето на настанот вратени на сопствениците“, наведуваат од „Гласен текстилец“.
Поттик за музеј
Според претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, оваа иницијатива е инспирирана од студиска посета во Шведска, каде што активисти и претставници на институции виделе како државата се грижи за својата историја и културно наследство.
„Веруваме дека оваа изложба може да биде предизвик за институциите и бизнисмените од текстилната индустрија да размислат за отворање на музеј на текстилството во Штип“, истакнува Ампева.
Штип – градот на конецот и иглата
И денес, низ штипските подруми може да се најдат шивачки машини од 50-тите и 60-тите години, меѓу кои и познатите „Багат“ машини – речиси задолжителен дел од секој штипски дом во времето на Југославија.
Со изложбата, граѓаните ќе имаат можност да погледнат и стари фабрички весници на „Македонка“ и „Астибо“ од 80-тите и 90-тите години, кои сведочат за времето кога текстилната индустрија беше столб на економскиот живот.
Град што живееше од текстилството
Изложбата „Градот што шиеше историја“ е повеќе од културен настан – таа е симболичка врата кон идејата за Музеј на текстилството, кој би ја сочувал меморијата за индустриската визија што го изгради Штип како „град на текстилот“.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).