Тројца странски експерти ќе ја чешлаат работата на приватните болници по обвинувањата на Кедев!

Министерството за здравство ќе формира независна комисија со тројца странски експерти од различни европски земји, кои ќе испитаат дали во приватните болници во Македонија се вршеле непотребни операции за профит, како што тврди кардиологот д-р Сашко Кедев.

Од 15 септември, сите приватни здравствени установи ќе мора задолжително да ги отворат своите бази на податоци за државата. Целта е да се добие целосен увид во здравствените патеки на пациентите, вклучително и оние кои се лекувале приватно.

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави транспарентен и независен процес:

„Не сакаме експерти од една земја, туку од три различни, за да нема сомнеж за пристрасност. Ќе одиме чекор по чекор, со јасни резултати, а не со општи заклучоци.“

Комисијата ќе започне со надзор од приватниот сектор, а потоа ќе продолжи и во јавните установи. Веќе е познато дека во периодот од 2019 до 2025 година се извршени над 3.500 кардиолошки интервенции, од кои најмногу во Универзитетската клиника за кардиологија, „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

ИНТЕРЕСНО:  Велија Рамковски: Брат Љубе во Шутка имаше најлош третман

Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување соопшти дека во последните четири години немало поднесени жалби од пациенти за непотребни интервенции, но посочија дека тие немаат надлежност да ја оценуваат медицинската оправданост на операциите.

Обвиненијата на Кедев предизвикаа голем потрес:

„Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба – имаме докази. Тоа е фасцинантно и алармантно. Ова се сериозни етички проблеми поврзани со профитот,“ изјави Кедев.

По ова, од „Аџибадем Систина“ побараа да појасни на која болница мисли, заканувајќи се со тужба за клевета, на што Кедев одговори дека токму тоа ќе биде можност „конечно да се открие вистината за приватното здравство“.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО