Стари мерки – нула ефект! Економистите бараат нов рецепт против инфлацијата

Оптимизам за инфлацијата: Владата и експертите веруваат во стабилизација

Годишната инфлација во јули се намали од 4,9 на 4,4 проценти, што веднаш го подгреа оптимизмот кај премиерот Христијан Мицкоски. Тој изрази очекување дека овој тренд ќе продолжи и дека Македонија ќе се врати кон стабилно ниво од околу 2 до 2,5 проценти инфлација – бројки кои се сметаат за здрави и нормални во економијата.

Како аргумент за својот став, Мицкоски посочи дека во август месечната инфлација е намалена во однос на јули. Според него, за првпат базичната инфлација – која е главен двигател на општата инфлација – влегла во негативна зона, што укажува на процес на постепено смирување.

„Тоа е добар сигнал дека базичната инфлација стагнира и се намалува. Водиме внимателна макроекономска политика и се трудиме растот на платите секогаш да биде најмалку двојно поголем од растот на инфлацијата. Така граѓаните можат да имаат подобар стандард. Ќе продолжиме со ваков пристап, без популистички интервенции“, изјави премиерот.

Тој додаде дека Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција редовно вршат контроли, а за тоа добива извештаи најмалку еднаш до двапати неделно.

Оптимистички пораки стигнаа и од гувернерот Трајко Славески. Тој смета дека за една до две години инфлацијата може да се врати на историскиот минимум од два проценти. Сепак, предупреди дека Македонија потешко ја скротува инфлаторната спирала од европските држави поради високите инфлациски очекувања кај граѓаните и производителите, како и поради синдикалниот притисок за поголеми плати.

ИНТЕРЕСНО:  Охриѓанец уапсен – осомничен за предизвикување пожар на нива и ниска вегетација

„Сѐ додека луѓето и компаниите очекуваат раст на цените, тоа ја поттикнува инфлацијата. Потребна е внимателна комбинација на монетарна и фискална политика и фокус на долгорочни инвестиции за да имаме трајна стабилизација“, нагласи Славески.

И економските експерти се на исто мислење: старите мерки не даваат резултати на краток рок, па затоа треба нови стратегии за контрола на ценовните шокови.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во август сепак бележи мал пораст од 0,2 проценти на месечно ниво, додека годишно останува на 4,4 проценти.

 

Иако Владата се фали со пад на инфлацијата од 4,9 на 4,4 проценти, реалноста за граѓаните е далеку поинаква. Цените што пораснаа изминативе две години не се вратија назад, па народот и понатаму живее со повисоки трошоци. Инфлацијата значи дека цените растат побавно, а не дека се поевтини. Со други зборови – ако лебот сега е 40 денари, нема да стане пак 25, туку ќе остане 40 и ќе расте побавно.

Оптимизмот на премиерот Мицкоски звучи добро на хартија, но луѓето по маркетите и аптеки не гледаат олеснување. Платите за многумина не го следат темпото на поскапувањата, па животниот стандард останува низок. Власта вели дека води внимателна макроекономска политика, но граѓаните чувствуваат дека товарот на кризата паѓа токму врз нивните грбови.

Реалното прашање не е дали инфлацијата е 4 или 2 проценти, туку дали народот конечно ќе живее полесно.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО