Потресно сведочење: „Ќерката ми не ја уби канцерот, туку погрешната терапија“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и тројца онколози обвинети за несовесно лекување. На рочиштето сведочеше Јулија Мациевска, мајка на починатата пациентка Адријана Начевска, која потресно ја опиша голготата низ која поминала нејзината ќерка.

Таа изјави дека пред да започне терапијата, ќерката ѝ направиле само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина – процедура која според протокол морала да се изврши. По почетните хемотерапии, кои ги опиша како „експлозија на организмот“, Адријана сепак закрепнала и дури организирала изложба. Но, со почетокот на имунотерапиите состојбата драматично се влошила.

И покрај реакциите на мајката, Васев инсистирал дека имунотерапијата е „превентивна и најприродна биолошка терапија“. По секоја доза симптомите станувале сѐ посилни, а на Клиниката за гастроентерохепатологија ѝ било кажано дека Адријана развила „вештачки метастази“ како последица на неадекватна терапија.

Мациевска сведочеше дека семејството му верувало на Васев како на „господ“, но со текот на времето забележала негово ноншалантно однесување и одбегнување на прашања. „Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии“, изјави мајката, додавајќи дека ќе бара материјална оштета, која ќе ја донира, и дека се приклучува на кривичниот прогон против обвинетите.

ИНТЕРЕСНО:  Максим Димитриевски: Младите ќе го променат лицето на Македонија – Дали сте подготвени за новата ера?

Судењето продолжи без присуство на второобвинетата Мери Пешевска, која веќе ја призна вината. Васев и останатите обвинети – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски – ја негираат вината. Васев тврди дека против него се води „заговор“ и најави дека ќе ги побие доказите со нови вештачења од странски експерти.

Лекарите се обвинети за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“ кај 29 пациенти, при што биле применети неподобни терапии, со погрешно дозирање и без проценка на здравствената состојба. Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката се води постапка и за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари за буџетот.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО