„Окултен учител“, мафија и халуцинации: Судењето на Штекли заглави во психијатриски хаос!

Судењето на Раде Трајковски – Штекли, обвинет за организирање злосторничка група и трговија со дрога, повторно беше одложено поради контрадикторни вештачења за неговата психичка состојба. Овојпат, Штекли, облечен во бела кошула, за првпат седна на обвинителната клупа и го слушаше читањето на извештајот од неговиот психијатар, што судијата Иле Трпков го презентираше во судницата. Содржината на документот, според присутните, звучеше како сценарио за паранормален филм, со главен лик што живее во сопствена имагинарна реалност.

Во извештајот се наведува дека пред околу три години Трајковски почнал постепено да се изолира од луѓето и да се занимава со окултни практики. Според психијатарот, тој тврдел дека има „има­гинарен учител“ кој го подучува на патот кон „вечниот живот“. Овие убедувања целосно го опседнале, а паралелно развил идеи дека е жртва на прогон. Во својот дом поставил камери и секојдневните настани ги толкувал како доказ дека албанската мафија и полицијата се здружиле против него. Имал визуелни и звучни халуцинации, а психијатарот заклучил дека страда од психотично растројство со шизофрени карактеристики, поради што не е способен да учествува во судскиот процес.

Сосема спротивно мислење има вештачењето на обвинителството, спроведено во психијатриската болница во Бардовци. Таму лекарите утврдиле дека обвинетиот е целосно пресметлив, расудува и може да го следи судењето. Поради овие спротивставени ставови, судот ги закажа вештаците да бидат присутни на следното рочиште, каде детално ќе ги образложат своите наоди. Дури потоа ќе биде донесена конечна одлука за тоа дали постојат услови процесот да продолжи.

ИНТЕРЕСНО:  СДСМ ја обвинува министерката Димитриеска-Кочоска: „Министерството станало штаб на ВМРО-ДПМНЕ“

Истрагата за Трајковски и неговата група траела речиси една година и првично опфатила 16 лица. Од нив, седум склучиле спогодба со обвинителството и добиле затворски казни од три до три и пол години. Четворица од останатите обвинети на денешното рочиште најавија дека ќе ја признаат вината.

Животот на Штекли и надвор од судницата е полн со драматични настани. Тој успеа да преживее два вооружени напада, и двата во трговскиот центар „Ист Гејт мол“. Во вториот напад бил и ранет, но повредите не биле животозагрозувачки. Двата случаи сè уште не се расветлени. Дополнително, пред извесно време во дворот на неговата куќа во скопската населба Керамидница била фрлена бомба, а и овој напад останал без официјално разјаснување.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО