Мицкоски во Кочани: Запали свеќи за жртвите од „Пулс“, но одби да коментира за истрагата

Посета на гробиштата

Дел од медиумите денеска објавија дека премиерот Христијан Мицкоски, за време на својата посета на Кочани, се упатил и на градските гробишта каде што запалил свеќи на гробовите на загинатите во трагичниот пожар што се случи на 16 март годинава во кабарето „Пулс“. Таму тој се сретнал и со родители на дел од загинатите млади.

Без коментар за постапката

На новинарско прашање околу тоа како го оценува текот на постапката што ја водат правосудните органи, а во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, Мицкоски повторно одби да даде став. „Јас се воздржувам да коментирам во изминатиот период и ќе ја продолжам таа пракса да не коментирам. Оставам обвинителско-судските органи да си ја завршат процедурата. Колку што знам, покренатото обвинение е во рамките на оценка од страна на судовите, така што не би сакал дополнително да коментирам,“ рече тој.

Посетата на Кочани инаку беше по повод отворањето на нова хала на компанијата „Амфенол“.

Родителите: „Гестот е човечки“

Тошо Антов, татко на едно од загинатите деца, на својот Фејсбук профил ја сподели посетата на премиерот и неговиот чин го оцени како достоинствен и човечки. „Разбрав дека денес премиерот бил на гробиштата во Кочани и запалил свеќа на гробовите на нашите ангели. Само тивок и достоинствен чин. За нас родителите, секој кој ќе застане со почит пред болката што ја носиме е пред се човек. Денес така го доживеав и премиерот, како човек. Ве молам, не ја злоупотребувајте оваа болка за политика и дневни поени. Болката е наша, а гестот беше човечки. Тоа е доволно,“ напиша тој.

                                                                           

ИНТЕРЕСНО:  Летен метеж на границите: До 45 минути чекање на Табановце и Пелинце

                                                     Фотографија од посетата на Мицкоски на градските гробишта во Кочани

Контроверзии и недоразбирања

Инаку, пред нешто повеќе од еден месец, родителите на загинатите, организирани во Здружението „16 Март 2025 Кочани“, предводено токму од Антов, преку објава на Фејсбук го споделија своето разочарување од средбата со премиерот што се одржа во Владата на 7 јули. Според нив, наместо на разбирање и поддршка, наишле на манипулации, потсмев, обвинувања и понижување.

Владата тогаш реагираше со соопштение дека описот на настаните е неточен и дека се работи за „злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина“.

Судската постапка се одолговлекува

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека обвинението за пожарот во „Пулс“ сè уште не е оценето од Советот за оцена на обвинителен акт. Станува збор за исклучително обемен предмет, со дури 40 поднесени приговори од обвинетите и нивните бранители. Тие приговори се доставуваат до Обвинителството за разгледување.

Според судот, обвинението се уште е во анализа и одлуката може да се очекува во септември.

34 лица и три компании обвинети

За трагедијата во Кочани се товарат вкупно 34 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, неговиот брат и синот, тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, двајца поранешни министри за економија – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини – како и инспектори од Пазарниот инспекторат и лица од обезбедувањето на клубот.

Обвинението беше поднесено на 13 јуни, но поради недостиг на судии и ресурси во Кочани, Врховниот суд донесе одлука процесот да се води во Скопје.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО