На 39. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва, синоќа (10 август) премиерно беше изведена провокативната и духовита претстава „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на хрватскиот драматург и режисер Иван Пеновиќ. Овој проект е голема регионална копродукција, зад која стојат Драмски театар – Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и домаќинот „Град театар“ Будва.
Текстот е дело на познатиот словенечки автор Душан Јовановиќ, создаден во 1972 година во форма на комедија дел арте, а првпат изведен една година подоцна во Љубљана. Напишан е во време на бурни политички и општествени промени, одразувајќи ги револуционерните идеи и реакциите на младата генерација уметници во тогашна Југославија.
Во актерската екипа блеска вистинска регионална ѕвездена комбинација: Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов и Соња Стамболџиоска од Македонија, Марко Гверо и Иван Томиќ од Србија, Нејџ Језерник и Јулита Кропец од Словенија и Лазар Николиќ од Црна Гора.
Сценографијата е потпишана од Лазе Трипков, костимите од Александар Ношпал, музиката од Владимир Пејковиќ, а сценските движења од Дамир Клемениќ.
Македонската премиера ќе се одржи на 17 август на фестивалот Охридско лето, на сцената во Долни Сарај, со почеток во 21 часот. Директорката на МГЛ Љубљана изјави дека ваквата регионална соработка е „најдоброто што можеше да ни се случи по сè што преживеавме“.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).