Полицијата со солзавец и апсења во седиштето на најголемата турска опозициска партија

Во Истанбул продолжува политичката драма околу најголемата опозициска партија во Турција – Народнорепубликанската партија (НРП). Во ноќта меѓу недела и понеделник полицијата насилно влезе во централата на партијата, каде што пратеници и активисти се барикадираа за да спречат назначен администратор да ја преземе локалната организација.

Настаните следат по одлука на судот од 2 септември, со која беше поништено последното партиско собрание во Истанбул поради сомнежи за нерегуларности. Тоа значеше и отстранување на лидерот на истанбулскиот огранок Јозгур Челик и неговиот тим. Опозицијата го оспори решението, но власта испрати администратор – поранешен партиски функционер – кој требаше да ја преземе контролата на 8 септември.

Во знак на отпор, младинската организација на НРП повика на собирање во седиштето, а повикот беше прифатен и од дел од избраните претставници. Во текот на ноќта членови и симпатизери буквално се обидоа да го спречат администраторот да влезе во зградата. Тој на крај успеа, но само со силна полициска поддршка. На снимките на социјалните мрежи се гледа употреба на солзавец и физичко насилство во внатрешноста на објектот, при што имаше приведени, а еден пратеник заврши во болница.

Челик и неговиот тим се заклучија на третиот кат, блокирајќи го пристапот со мебел, додека администраторот се сместил на вториот. Овие сцени доаѓаат во период кога опозицијата во Турција е под жесток притисок, особено по апсењето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу во март – еден од најголемите политички ривали на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

ИНТЕРЕСНО:  Пожар изби во градинка во Белград, итна евакуација на децата

Властите паралелно воведоа дополнителни мерки: забрана за протести во неколку делови на градот до 10 септември и ограничен пристап до социјалните мрежи. Организацијата NetBlocks потврди дека X, YouTube, Instagram, Facebook, TikTok и WhatsApp се речиси недостапни без VPN. Претседателот на медиумскиот регулатор RTÜK ги предупреди новинарите дека „ширење непроверени информации во живо е неодговорно и ќе биде санкционирано“.

Ситуацијата може дополнително да ескалира. На 15 септември се очекува ново судење, каде како можност се споменува и отстранување на националниот лидер на НРП, Јозгур Озел. Во меѓувреме, партијата свика вонредно национално собрание за 21 септември, а на 24 септември ќе се одржи нов состанок на огранокот во Истанбул. За да се заштитат, НРП најави преместување на својата локална централа во друг дел од градот.

Во обид да ја задржи симболиката, Челик ги повика граѓаните да се соберат денеска кај споменикот на Ататурк на плоштадот Таксим и да ги прослават 102 години од основањето на партијата. Но, бидејќи Таксим е затворен за сите видови протести, доколку таму навистина се соберат поддржувачи, тоа ќе биде силен политички сигнал, иако формално нема да се води како демонстрација.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО