Косовското Собрание и синоќа не успеа да се конституира, и покрај тоа што беше веќе 54. обид од први мај наваму. Причината повторно е истиот јазол – нема договор за формирање на комисија за тајно гласање за избор на претседател на парламентот.
На седницата, која ја водеше Авни Дехари, присуствуваа 103 пратеници, но само 56 гласаа за формирање на комисијата – недоволно за да се отпочне процедурата. Партиите ДПК, ДСК, Српска листа и коалицијата ААК-НИСМА одбија да предложат свои членови во комисијата и го обвинија Дехари за „узурпација на седницата“ и прекршување на Уставот и одлуките на Уставниот суд.
Како и претходно, Дехари ги прекинуваше говорите на пратениците со исклучување на микрофоните, предизвикувајќи дополнително незадоволство во салата. На крајот, тој ја прекина седницата и објави дека парламентот нема право да заседава ниту да носи одлуки до 8 август, според претходна одлука на Уставниот суд.
Судот до тогаш треба да се произнесе дали инсистирањето на претседателот на тајно гласање е уставно – прашање поднесено од пратеници на ДПК и ДСК.
Косово сè уште е без функционален парламент, што отвора сериозни прашања околу институционалната стабилност и способноста за носење какви било политички или законодавни одлуки во наредните недели. Очите на регионот и меѓународната заедница се сè повеќе вперени кон Приштина.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).