Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) денес едногласно донесе одлука за одземање на мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Српска. Причината за оваа радикална мерка е судската пресуда со која Додик е осуден на една година затвор и му е изречена шестгодишна забрана за извршување јавна функција.
Жалбена постапка и правни чекори
Одбраната на Додик има рок од два дена да поднесе жалба до Апелациониот оддел на Судот на БиХ. Овој суд ја има последната реч во однос на жалбата, а по нејзиното разрешување, одлуката на ЦИК ќе стане конечна. Адвокатот Горан Бубиќ веќе најави дека ќе бара привремена мерка за одложување на извршувањето на пресудата и ќе се обрати до Уставниот суд.
Нови избори на повидок
ЦИК, по завршувањето на жалбената постапка, ќе биде должен да распише предвремени избори за нов претседател на РС. Според изборниот закон, тие треба да се одржат во рок од 90 дена по донесувањето на конечната одлука.
Политичка битка за опстанок
Во обид да ја задржи доминацијата на СНСД во РС, партијата на Додик упати повик до опозициските партии да формираат „влада на национално единство“. Но, наидоа на ѕид – опозицијата не е расположена за соработка со Додик, особено по долгогодишните обвинувања дека се „странски платеници“ и „слуги на Сараево“.
Единствено се чека ставот на ПДП, чиј претседател Драшко Станивуковиќ сè уште не се изјасни конкретно по прашањето. Неговиот одговор се очекува по утрешната седница на Претседателството на партијата.
РС официјално не ја признава пресудата
Вчерашната владина седница во Република Српска заврши со осум заклучоци, од кои еден е недвосмисленото отфрлање на пресудата на Судот на БиХ. Владата ги повика сите партии да застанат зад Додик, испраќајќи сигнал за обединет отпор против одлуките на државните институции.
Дополнително, најавена е и седница на Народното собрание на РС, која веројатно ќе го зацврсти институционалниот отпор кон пресудата и ќе биде следна арена за политичка пресметка меѓу власта и опозицијата.
Ситуацијата во Република Српска влегува во најтурбулентната фаза од Дејтонскиот период досега. Следните денови ќе бидат клучни за тоа дали СНСД ќе успее да го задржи влијанието или ќе се отвори простор за сериозна промена на политичката сцена во ентитетот.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).