Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска порача дека санкциите против Русија мора да се заострат ако не се одржи трилатерална средба меѓу него, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин или ако Москва се обиде да го избегне „чесниот крај“ на војната.
Зеленски објасни дека во телефонскиот разговор со Трамп, кој следеше по неговата средба со Путин во Анкориџ, Алјаска, нагласил дека санкциите се ефикасна алатка која мора да продолжи и да се зголеми ако Русија се обидува да ја одолговлекува ситуацијата.
Од Кремљ веднаш реагираа дека трилатерална средба воопшто не била тема на разговорите меѓу Путин и Трамп.
Зеленски исто така ја потенцираше потребата Украина да добие сигурни и долгорочни безбедносни гаранции, во кои ќе бидат вклучени и Европа и САД. Тој инсистира Киев да учествува во сите преговори кои се однесуваат на украинската територија, особено затоа што Русија моментално држи под своја контрола речиси една петтина од земјата, вклучувајќи го Крим кој беше анектиран уште во 2014 година.
Иако во Алјаска Путин и Трамп разговараа за иднината на Украина, земјата што е директно засегната не беше вклучена во тие дискусии. Затоа, вниманието сега е насочено кон понеделник, кога Зеленски треба да оствари директни разговори со Доналд Трамп во Вашингтон.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).