На одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, премиерот Христијан Мицкоски упати силна порака за единство и заедничка работа на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност. Во својот говор, Мицкоски потенцираше дека политиката не смее да се сведува на поделби и празни националистички пораки, туку на решавање на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Како политичар не познавам мал или голем свет, ваков или таков, туку само еден свет – Македонија. Дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска да обезбедиме подобра иднина за сите. Куферите кои си заминуваат немаат националност – од земјата си одат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци… сите. Селата ни се празнат, а тоа е најдобрата порака на народот до оние кои со години манипулираат дека работат за него, а во реалност го делат“, истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека денешната борба не е кој ќе биде погласен во радикализам или кој ќе се „удира во гради“ со национализам, туку кој ќе обезбеди подобри услови за живот, повеќе работни места и просперитет за сите граѓани.
На настанот се обрати и вицепремиерот Изет Меџити, кој исто така говореше за значењето на Охридскиот рамковен договор и неговата улога во зачувување на мултиетничкиот карактер на државата.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).