Со стапување на сила на новите американски царини, Македонија доби царинска стапка од 15%, што е значително пониска од првично предложените 33%, и поставена пониско од повеќето земји од регионот. За споредба, Србија ќе плаќа 35%, Босна и Херцеговина – 30%, додека Црна Гора и Албанија добија најповолни услови со 10%.
Воведена глобална минимална стапка
Одлуката доаѓа од американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави глобална царинска стапка од 10%, со повисоки тарифи за земји со кои САД имаат значителен трговски дефицит. Тоа, според аналитичарите, е еден од факторите зошто Македонија добила пониска стапка – резултат на постојното економско и стратешко партнерство со САД.
Македонија со можност да стане логистички центар
Според универзитетскиот професор Синиша Наумовски, пониската стапка може да ја позиционира Македонија како логистички и производствен хаб за компании кои сакаат пристап до американскиот пазар.
„Македонија има униформна и ниска царинска стапка, пристап до ЕУ преку ССА, и поволности за одредени индустрии. Клучно е да се работи на целиот инвестициски екосистем за да се искористи оваа предност“, изјави тој.
Наумовски објаснува дека теоретски е можно намалување на стапката, но тоа зависи од приоритетите, фискалните капацитети и трговските договори на државата.
Но, не сите експерти се оптимисти
Експертот Миле Бошков вели дека шансите за ново намалување се мали, особено поради „непредвидливоста на Трамп“:
„Не верувам дека ќе се намалат царините за Македонија. Но, добро е што имаме пониска стапка од Србија и БиХ“, вели тој, додавајќи дека македонските компании може да нудат реекспортни и логистички услуги за стоки што одат за САД.
Сличен став има и аналитичарот Синиша Пекевски, кој потенцира дека:
„Немаме значаен извоз кон САД – само околу 120 милиони долари. Дури и со пад на царините, влијанието врз економијата ќе биде ограничено.“
Според Пекевски, 90% од македонскиот извоз е насочен кон ЕУ, а во САД се извезуваат претежно полупроизводи и суровини, со мала додадена вредност.
Што велат институциите?
Гувернерот Трајко Славески смета дека е прерано за реална проценка на ефектите од новите царини:
„Немаме ефект засега. Дополнителни анализи ќе покажат што значат овие давачки.“
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека преговорите продолжуваат по летото, со надеж дека царините ќе паднат под 15%.
Според Министерството за финансии, можно е тарифите да се намалат на 10%, а Царинската управа најави дека конечната одлука се очекува до крајот на септември.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).