Служел во американската војска – се обидел да добие руско државјанство
22-годишниот Тејлор Адам Ли, припадник на американската војска стациониран во базата Форт Блис во Тексас, е уапсен под сомнение дека се обидел да ѝ предаде доверливи информации на руската влада. Обвинителите тврдат дека тој понудил технички податоци поврзани со тенкот М1А2 „Абрамс“, еден од клучните борбени системи на американската армија, во замена за руско државјанство.
СД-картичка со воени податоци завршила кај човек за кој мислел дека е руски агент
Според обвинението, Ли доставил СД-картичка на лице за кое верувал дека е офицер на руското разузнавање. Картичката содржела документи поврзани со функционирањето и потенцијалните слабости на тенкот „Абрамс“, како и други информации за американски воени операции. Дел од материјалите биле означени како „Контролирани некласифицирани информации“, што значи дека нивното споделување е строго забрането без овластување.
ФБИ: „Ова е директен напад врз безбедноста на државата“
Помошник-директорот на одделот за контраразузнавање на ФБИ, Роман Ројавски, изјави дека апсењето испраќа силна порака:
– Секој што размислува за предавство против САД, особено оние што положиле заклетва да ја бранат државата, треба да знае дека ќе биде откриен. ФБИ и нашите партнери ќе продолжат да ги штитат граѓаните и државните тајни – изјави Ројавски.
Американската армија: Ќе ги фатиме сите инсајдерски закани
Бригадниот генерал Шон Стинчеон, началник на Армиската контраразузнавачка команда, исто така реагираше:
– Оние што ја кршат својата заклетва и стануваат внатрешна закана, неизбежно ќе бидат изведени пред правдата. Нашата задача е да го заштитиме персоналот и воената опрема од вакви предавства.
Процесот допрва започнува
Ли сè уште не дал официјален одговор на обвиненијата. Во меѓувреме, истрагата продолжува, а правосудните органи најавуваат сериозен процес со потенцијално тешки последици.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).