Став на Вардарски: Македонија нема идентитетска, туку институционална криза

Претходната власт: големи ветувања, мала промена

Иако претходната власт често ја претставуваше својата политика како реформска и европска, реалноста беше поинаква за обичниот граѓанин. Економскиот раст остана симболичен и недоволен за да се почувствува во секојдневието, платите не ги стигнаа растечките трошоци, а младите продолжија масовно да се иселуваат. Корупцијата и натаму беше длабоко вкоренета во институциите, а правдата остана селективна, и покрај ветувањето за „правда за сите“. Здравството и образованието покажаа сериозни слабости – пандемијата го разобличи нефункционалниот систем, а честите реформи во училиштата создадоа незадоволство без видлив напредок. Еколошките проблеми, особено загадувањето, останаа нерешени, а институциите и понатаму беа партизирани. Со други зборови, наместо суштинска промена во животот на граѓаните, власта повеќе се занимаваше со политички пораки и дипломатски теми, додека секојдневните проблеми останаа истите. Трагедијата со модуларната болница во Тетово, каде во пожар загинаа десетици луѓе, е најсилниот доказ дека неспособноста и партизацијата убиваат – системот кој требаше да спасува животи, се претвори во смртоносна стапица.

Сегашната власт: патриотизам во говор, застој во дела

Сегашната влада (ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ) ја одалечи земјата од суштинскиот тек на ЕУ-преговорите со тоа што ги услови уставните измени со „реципроцитет“ од Бугарија, што практично го држи процесот во застој и ја остава Македонија зад соседите кои напредуваат, наместо да ја движи кон отворање поглавја и конкретни реформи. Трагедијата во Кочани, со изгубени млади животи во нелегална дискотека без лиценца и без основни безбедносни стандарди, повторно ја покажа истата матрица – институции кои спијат додека корупцијата собира данок во човечки животи. И што ќе се случи? Наместо вистинските виновници кои седеле во фотељите и толерирале години наназад да одговараат, ќе завршат во затвор неколку поставени лица, само за да се симулира дејност. Вистинската одговорност, пак, ќе остане недопирлива.

Тетово и Кочани: трагедии што ја покажаа вистината

Секоја власт што ја имавме последниве децении се претставуваше како „единствена шанса за Македонија“. Едните ни велеа дека без нив нема Европа, другите дека без нив нема држава. Но, вистината е дека државата и народот постојат и ќе постојат и без нивните фотелји. Она што не постои е чувство на сигурност и правда за обичниот човек. Ако болницата што треба да лечи може да изгори во пламен, ако дискотека без лиценца може да работи со години сè додека не изгуби млади животи, тогаш прашањето е: каде беше државата?

Народот мора да размислува критички и да бара одговорност

Политичарите се мајстори за големи говори и уште поголеми изговори. Ќе отворат споменици, ќе потпишат договори, ќе се сликаат со европски лидери, ќе викаат „патриотизам“ од бината. Ама кога ќе дојде момент да се покаже дали институциите функционираат – тогаш гледаме плач, чад и ковчези. И после тоа, пак истата приказна: обвинети ситни риби, спектакуларни апсења пред камери, а вистинските виновници остануваат недопирливи.

И тука е клучната замка: додека ние расправаме кој е „предавник“ и кој е „патриот“, тие успешно ја избегнуваат суштината – дека и едните и другите не создадоа држава во која граѓанинот ќе биде заштитен, почитуван и достоинствено жив. Македонија не страда од идентитетска криза, туку од криза на одговорност. А одговорност ќе има дури кога народот ќе престане да дозволува да биде мамен со големи зборови и ќе почне да бара конкретни дела. Нешто просто: политичарите ја играат својата игра, ама ти имаш избор да мислиш со своја глава, да прашуваш, да бараш отчет и да не подлегнуваш на манипулации. Нека бидеме чесни – само така Македонија може да ја промени својата реалност, не преку празни ветувања и симулации на правда, туку преку народ што размислува критички и не дозволува да биде изигран.

 

Од редакцијата на vardarski.mk


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО