Иако ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ останува најголем играч во секторот и рекордер по приходи во целата држава, финансиските резултати за 2024 година откриваат сериозна криза. Според податоците на „Бизнис Мрежа“, претпријатието инкасирало 27,3 милиони евра – највисока бројка во Македонија – но тоа е сепак пад од 4,18% во однос на 2023 година.
Она што дополнително загрижува е што наместо добивка, Скопскиот водовод забележал рекордни загуби од 256 милиони денари (околу 4,2 милиони евра). За споредба, во минатото загубите ретко надминуваа 2 милиони евра, а последна прикажана добивка била во 2020 година – во износ од околу 1 милион евра.
Претпријатието останува и најголем работодавач во секторот со 1.084 вработени, иако тој број е намален за 4,16% во споредба со претходната година. Финансиските извештаи откриваат дека најголемиот дел од трошоците отпаѓа на платите. Само во 2024 година за плати се потрошени 490 милиони денари, вклучувајќи ја и 13-тата бонус плата. Просечната месечна нето плата изнесувала околу 31.660 денари, што е зголемување од 5,5% во однос на 2023 година.
Вкупните трошоци на „Водовод и канализација“ достигнале 1,9 милијарди денари (31,4 милиони евра), што претставува раст од 10,5% за само една година. Тоа значи дека растот на трошоците значително го надминал растот на приходите.
Овој негативен тренд не влијае само врз финансиската стабилност на претпријатието, туку и врз целиот градски комунален систем. Од неговото работење зависат и приходи на други јавни претпријатија како „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, што дополнително ја засилува важноста на проблемот.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).