Силно невреме попладнево го зафати преспанското село Љубојно. Делови од куќи, дворови и улици се под вода, а земјениот пат кон шумата е сериозно оштетен.
Жителите сведочат дека дождот траел околу 40 минути – половина час со силни врнежи, а околу 20 минути со големи зрна град. Водата го раскопала патот кој, како што велат, веќе бил оштетен од камионите што превезуваат дрва.
„Денес и природата си го кажа своето – шумата е нашиот најсилен штит. Таа го спаси Љубојно. Ако не се преиспитаат одлуките, утре може да биде доцна – за нас, за Преспа, за Македонија“, напишаа мештаните на социјалните мрежи.
Жителите веќе седум дена протестираат против сечата кај манастирот над селото. Тие предупредуваат дека токму шумата го брани селото и Преспа од поплави и ерозии, и дека без неа последиците од вакви невремиња ќе бидат уште пострашни.
Владата, пак, возврати дека се работи за регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30 на шумско-стопанската единица „Пелистер – Брајчино“.
„Дабот има сечна зрелост согласно сите научни принципи. Оваа сеча е една од стотиците во Македонија, спроведена по закон и со целосна контрола“, соопштија од Владата.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).