Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат јавно посочи дека неговиот потпретседател Џеј Ди Венс е најверојатниот наследник на движењето „Направете ја Америка повторно голема“ (МАГА) и потенцијален кандидат на Републиканската партија за претседателските избори во 2028 година.
„Тој веројатно би бил фаворит во моментов,“ изјави Трамп, истакнувајќи и можност за негов сојуз со актуелниот државен секретар Марко Рубио.
Иако Рубио и Венс беа ривали за потпретседателската функција, нивниот однос сега се карактеризира со блиска соработка. Венс за Си-Ен-Ен изјави: „Марко е неверојатно способен и доверлив и еден од моите најблиски пријатели во администрацијата.“
Од друга страна, Рубио изјави дека Венс „одлично ја врши работата како потпретседател“ и дека би бил „одличен кандидат“. Иако не ја исклучи можноста самиот да се кандидира, рече: „Никогаш не знаете што носи иднината.“
На истиот настан присуствуваа и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, како и државниот обвинител Пам Бонди – двете со изразени политички амбиции, што дополнително го вжештува потенцијалниот натпревар во рамките на партијата.
Џеј Ди Венс, поранешен маринец и сенатор од Охајо, се етаблираше како влијателна фигура во втората Трампова администрација, особено на полето на надворешната политика. Марко Рубио, пак, како прв по Хенри Кисинџер кој истовремено ја извршува функцијата на државен секретар и советник за национална безбедност, продолжува да игра клучна улога во американската надворешна стратегија.
Изјавите на Трамп може да се сметаат за сигнал за тоа во кој правец ќе се движи републиканската сцена по 2028 година – со акцент на новата генерација на MAGA лидери.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).