Информативната агенција „Ројтерс“ отстрани четириминутен клип од воената парада во Пекинг, откако Кинеската централна телевизија (CCTV) побара тоа да се направи. Спорниот дел од видеото ги прикажувал рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг како разговараат за продолжување на животниот век со помош на модерни технологии.
Според извештајот на „Ројтерс“, CCTV првично дала дозвола за користење на снимките од парадата, вклучувајќи го и моментот со двајцата лидери. Агенцијата го монтирала материјалот во четириминутно видео и го испратила до своите претплатници низ светот. Слични кадри во своите програми користеле и други глобални медиуми.
Иако снимката изгледаше вообичаено, во петокот „Ројтерс“ добил официјално барање од правниот оддел на CCTV за нејзино повлекување. Кинеската телевизија обвинила дека агенцијата ги прекршила правилата и дека направила искривување на фактите преку уредничка обработка.
По ова, „Ројтерс“ се согласи да го повлече видеото, но јавно соопшти дека не нашле никакви нерегуларности во својата работа. Од агенцијата нагласија дека внимателно ја прегледале снимката и не виделе основа да веруваат дека е нарушен нивниот принцип на непристрасно и точно новинарство.
Парадата се одржа на 3 септември во Пекинг, а токму таму бил снимен разговорот меѓу Си и Путин. Видеото ги прикажува како се движат кон трибината, додека нивните преведувачи пренесуваат делови од разговорот.
Преведувачот на Си Џинпинг му кажува на Путин: „Порано луѓето ретко живееја до 70 години, но денес велат дека на 70 години сè уште си дете“.
Потоа преведувачот ја пренесува реакцијата на Путин, кој вели: „Благодарение на развојот на биотехнологијата, човечките органи може постојано да се трансплантираат, а луѓето да се чувствуваат сè помлади и дури да постигнат бесмртност“.
На ова Си Џинпинг одговара: „Прогнозите покажуваат дека во овој век постои можност човек да живее и до 150 години.“ И двајцата лидери моментално имаат по 72 години.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).