Путин изненади: „Немаме ништо против Украина во ЕУ“

Иако Русија тврдоглаво се противи на каква било можност Украина да се приклучи кон НАТО, изненадувачки е што претседателот Владимир Путин изјави дека Москва нема ништо против Украина да стане членка на Европската Унија.

„Што се однесува до членството на Украина во Европската Унија, ние никогаш немавме ништо против тоа,“ рече Путин за време на посетата на Кина, додавајќи дека „што се однесува до НАТО, тоа е сосема друго прашање.“

Меѓутоа, аналитичарите брзо проценија дека оваа изјава е дел од стратегија за прикажување на Путин како миротворец пред американскиот претседател Доналд Трамп. Се смета дека ваквата позиција има цел да купи време, бидејќи процесот на членство во ЕУ трае со години, додека НАТО обезбедува побрзи и поконкретни безбедносни гаранции, пишува „Дојче Веле“.

Се поставува прашањето зошто токму ЕУ членството е прифатливо за Русија. Во 2013 година, кога Виктор Јанукович одби да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ, избувнаа протести низ Украина, а јавноста го обвини дека попуштил под руски притисок. Една година подоцна, Украина сепак го потпиша договорот, иако тогаш – како и денес – имаше сомнежи дека Москва никогаш не сакала Украина да се движи кон европска демократија.

Џорџ Биби од Институтот Квинси смета дека изјавата на Путин е тактички маневар за да обезбеди меѓународен договор против членството на Украина во НАТО, додека се обидува да го зацврсти контролираниот Донбас. Во моментов, Русија држи 88% од регионот, а „Фајненшл тајмс“ објави дека Путин му предложил на Трамп да ја замрзне фронтовската линија ако Киев го отстапи целосно Донбас.

Според Биби, прагматизмот е клучен, бидејќи руската војска е слабо подготвена и нема капацитет да ја освои цела Украина. Дополнително, Путин можеби е свесен дека европските земји-членки на НАТО почнаа да ја обновуваат својата воена индустрија и ветуваат зголемување на капацитетите. Прифаќањето на украинско ЕУ-членство може да биде „цена“ за да се избегне тоа сценарио и да се добијат подобри услови во мировен договор.

ИНТЕРЕСНО:  70 години независност: Како Австрија ја врати државноста по Втората светска војна

„Ова е дел од подолг процес на преговори,“ вели Рафаел Лос од ECFR. Тој додава дека, откако ќе биде јасно дека НАТО членство не е опција, Путин ќе се обиде да влијае врз ЕУ процесот преку своите сојузници, како Орбан во Унгарија и Фицо во Словачка.

Русија со години го смета НАТО проширувањето како директна безбедносна закана. „НАТО има посебно место во руската психологија,“ вели Етјен Соула од GMF. За разлика од тоа, ЕУ не се гледа како воена опасност, бидејќи европските сојузници зависат од американска поддршка.

Воедно, НАТО членството е побрз процес, додека приклучувањето кон ЕУ бара долгорочни реформи и усогласување на закони и институции. Лос нагласува дека Путин го користи тоа како начин да купи време и да влијае врз земјите во блокот. „Тој им нуди морков (ЕУ членство) на корисните идиоти на Западот,“ објаснува Лос.

Биби додава дека Путин можеби очекува Трамп да ги убеди европските партнери да го забрзаат ЕУ процесот, знаејќи дека тој сепак може да трае децении.

Но, безбедносните гаранции остануваат клучно прашање за Украина. „Штом заврши војната, Русија ќе ги зголеми хибридните активности во Украина,“ предупредува Соула. „Без силни гаранции, особено од САД, членството во ЕУ е празно.“

Иако ЕУ има клаузула за заемна одбрана, експертите сметаат дека Европа останува ранлива без американска поддршка. Лос вели дека членството во ЕУ е дел од поширок пакет, но дека само сигурни безбедносни гаранции можат да ја одвратат Русија.

„Путин не направил вистински отстапки. Ова е тактичка игра за време и подготовка за нови потези,“ заклучува Лос.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО