Данска ќе ја реализира најголемата воена набавка во својата историја – вредна 58 милијарди дански круни (околу 9,1 милијарди долари) – со купување на современи европски системи за противвоздушна одбрана. Министерот за одбрана Тролс Лунд Поулсен изјави дека ваквиот чекор е директен одговор на сериозната и предизвикувачка безбедносна состојба во Европа.
Премиерката Мете Фредериксен уште во февруари наредила армијата да купува опрема без одлагање, како подготовка за можен идeн агресивен потег од страна на Русија.
Планот предвидува набавка на осум системи, меѓу кои и долгoдoметниот SAMP/T – платформа развиена од конзорциумот Eurosam (MBDA Франција, MBDA Италија и Thales). Покрај тоа, ќе бидат вклучени и среднoдометни системи произведени во Норвешка, Германија или Франција.
„Нема сомнеж дека безбедносната ситуација е загрозена. Видовме како Русија неколкупати го прекрши полското воздушно пространство со дронови. Тоа е потсетник за сите нас колку е важно да ја зајакнеме нашата борбена моќ,“ изјави Поулсен.
Во средата Полска собори неколку сомнителни руски дронови со поддршка од авијацијата на НАТО – првпат членка на алијансата директно да отвори оган во рамки на војната во Украина.
Данските власти објаснија дека токму европските системи се избрани бидејќи може да бидат испорачани побрзо и поевтино од американскиот „Патриот“.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).