Луксузен „замок“ или семејна фарма? Скандалот со имотот на Орбан ја тресе Унгарија

Во Унгарија избувна политички и медиумски скандал откако независниот пратеник Акош Хадхази јавно објави фотографии и детали за недовршената резиденција на премиерот Виктор Орбан во селото Хатванпушта. Станува збор за огромен имот кој, според официјалните тврдења на Орбан и неговиот министер Гергели Гуљаш, е „само фарма“ на таткото на премиерот и сè уште е во изградба. Но, објавените слики и описите предизвикаа сериозни сомнежи дека станува збор за луксузна приватна резиденција, опремена со објекти и содржини далеку над стандардите на обична фарма.

Хадхази сподели и стари фотографии од пред четири години, кои, според него, ги добил од работник што кратко време бил ангажиран на градилиштето, но брзо ја напуштил работата „згрозен“ од виденото. Пратеникот тврди дека на работниците им се одземаат телефоните пред да започнат со работа, а се упатуваат и закани доколку се обидат да внесат или изнесат било какви информации од објектот.

На фотографиите може да се видат луксузни детали, како подземно поставен кабел за греење под поплочениот парк – решение со кое премиерот би избегнал сам да расчистува снег. Подоцна, тој првичен под се заменил со уште поскапа калдрма. Имотот, според описите, содржи и подземен коридор од тули што ги поврзува главните згради, како и голема парцелa со огради, приватна зоолошка градина, градина со палми, езерце, шеталиште, фонтани, соларна електрана, подземна гаража и библиотека.

Во текот на викендот, Хадхази организираше „обиколка“ за граѓаните, кои во голем број – неколку илјади луѓе – дојдоа лично да ја разгледаат територијата и да проценат дали пратеникот бил во право. Сцените, според новинарите, потсетувале на моментите од 2014 година, кога демонстрантите првпат влегоа во резиденцијата на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович за да видат со свои очи луксузот, вклучително и озлогласениот златен тоалет.

ИНТЕРЕСНО:  Кина руши рекорди со извоз – ги заобиколува царините на Трамп

Некои медиуми јавија и за уништување на архитектонски споменици со цел да се прошири имотот и да се создаде нова рурална населба во стил што наликува на замок. Иако унгарската влада и самиот Орбан продолжуваат да тврдат дека станува збор за семејна фарма, пратеникот објави енергетски сертификати кои покажуваат дека за некои објекти на имотот бил побаран официјален енергетски сертификат – што се издава само за станбени згради, а не за фарми.

Опонентите на Орбан го користат случајот како пример за нетранспарентност и можен конфликт на интереси. Петер Маѓар, лидер на опозициската партија Тиса и главен ривал на премиерот на претстојните избори, веќе вети дека, доколку дојде на власт, Државниот завод за ревизија ќе отвори истрага за имотот на сите поранешни и сегашни членови на владата, високи функционери и нивните блиски роднини во последните 20 години. Маѓар најави дека ќе се испита и имотот на Виктор Орбан во Хатванпушта, при што Националната канцеларија за враќање и заштита на средства ќе може да побара информации од органите за издавање дозволи, Канцеларијата за заштита на наследството, како и да интервјуира инвеститори и работници кои биле ангажирани на градилиштето.

Скандалот сè уште е во тек, а јавноста во Унгарија внимателно го следи развојот на настаните, бидејќи случајот потенцијално може да стане една од главните политички теми во предизборната кампања.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО