„Сѐ поочигледен пад на ВМРО-ДПМНЕ“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Телма остро ја критикуваше власта и премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е во сериозен пад и веќе губи над 100.000 до 120.000 гласови, поради што свесно отвора простор за изборни неправилности.
Неспособност и префрлање вина
Филипче потсети на изјавата на премиерот, кој дури и по една година од формирањето на новата влада за главни виновници во државата ги обвинува СДСМ и ДУИ. „Тоа само ја покажува целосната неспособност и немањето капацитет за водење држава,“ изјави лидерот на СДСМ.
Контроверзија околу Изборниот законик
Според Филипче, власта намерно чекала до последен момент да предложи измени на Изборниот законик, и тоа откако изборите веќе биле распишани, иако Уставниот суд одамна донесе одлука за укинување на делот со потребниот број потписи за независни листи. Дополнителна вина, според него, е и тоа што коалицијата не обезбедила поддршка од партнерите од ВЛЕН.
„Ловење во матно“
Филипче е дециден дека ова е обид на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да „ловат во матно“ и да ги искористат можните злоупотреби во своја корист.
Најава за будно следење на изборите
Првиот човек на СДСМ најави дека партијата ќе биде на штрек и ќе ги следи сите можни злоупотреби и тактики на власта. „Ќе реагираме соодветно и ќе ја браниме демократијата во изборниот процес,“ порача Филипче.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).