Фејсбук статус на професорот Дејан Трајковски
Странските инвестиции не можат да не спасат од расипништвото на власта
Странските инвеститори никогаш не влегуваат во Македонија без јасна и значителна корист за себе На графикот на сликата ја следиме нето добивката – earnings (дебелата сина линија), делот од добивката исплатен како дивиденда – црвената линија и реинвестираната добивка во нивните компании (зелената линија).
Со текот на годините, како што се зголемувале странските директни инвестиции (СДИ), се зголемувала и добивката и тоа по проближно квадратичен закон (сината испрекината линија ја прикажува оваа квадратична прогресија). Во просек, од добивката се реинвестирало околу една четвртина, додека три четвртини се изнесувале од земјата, односно се вршела репатријација на профитот во матичната земја.
Во некои години дури се изнесувало и повеќе од добивката за годината (зелената линија е под нулата), односно не само што не се реинвестирала добивката, туку се изнесувал и дел од акумулираната добивка, што е сосема законски и дозволено.
Во 2024 година нето добивката на странските компании изнесувала 650 милиони евра, од што како дивиденди се изнесени од државата 394,66 милиони евра, а биле реинвестирани (или барем задржани како акумулирана добивка, со можност да се изнесат во наредните години) 255,34 милиони евра.
На крајот од 2023 година вкупниот сопственички капитал од СДИ, не сметајќи го долгот, изнесувал 5256,47 милиони евра. Во просек, добивката изнесувала 11,76% од капиталот, а дивидендата (тоа што е најважно за акционерите, бидејќи веднаш и неповратно ја добиваат) изнесувала 7,14% во однос на капиталот.
Овие проценти се импресивни и ретко достижни за домашните компании. Очигледно е дека странските инвеститори постигнуваат висока ефикасност во користењето на капиталот, а истовремено остваруваат ниски трошоци, пред сè во делот на работната сила, што резултира со вакви извонредни резултати.
Покрај работниците, кои добиваат плати, извесен приход остварува и државата, главно преку данокот на добивка, кој во 2024 година изнесуваше околу 72 милиони евра од овие СДИ. Со оглед на тоа што овие компании најчесто извезуваат, приходите од ДДВ се речиси занемарливи.
И покрај сите пофалби за странските директни инвестиции, државата од нив прибира едвај 70-ина милиони евра данок на добивка – симболичен износ во споредба со буџетскиот дефицит кој достигнува речиси 700 милиони евра годишно. За илустрација, само за набавката на осум борбени хеликоптери во изминатата година беа потрошени, односно се задолживме за 230 милиони евра – износ кој директно го зголеми буџетскиот дефицит и државниот долг.
Истовремено, со леснотија го отстапуваме земјиштето за ветерниот парк на „Алказар Енерџи“ и се лишуваме од десетици милиони евра годишна добивка од сопствено производство на електрична енергија. Не се гради ниту проектот „Вардарска долина“, кој со своите дванаесет хидроцентрали би носел околу 125 милиони евра нето-добивка годишно.
Наспроти тоа, Владата планира задолжување од 2 милијарди евра за изградба на брза пруга која, наместо профит, за дваесет години ќе донесе 3,5 милијарди евра загуби. Дополнително, се планира и задолжување за железничката пруга од Скопје до Кичево во износ од уште 300 милиони евра. Па ние цело Кичево да го продадеме, нема да добиеме толку пари за нова пруга, која има занемарлив промет и од која нема да добиеме ништо друго освен загуби и долгови.
Се поставува прашањето: од кои извори ќе се враќаат средствата за овие загубарски проекти, доколку државата се откажува од сопствено инвестирање во профитабилни проекти и од заработката од нив? Само од даноци сигурно не може да се враќаат кредитите. Буџетот исто така не стига, бидејќи има постојан дефицит.
Со даночни приходи од едвај 72 милиони евра годишно од данок на добивка на сите странски директни инвестиции, може да се купат одвај два хеликоптери или да се изградат 20 километри стандардна железничка пруга.
Жално е кога една власт, само заради себични предизборни цели и манипулирање со граѓаните се фали со непродуктивни и налудничави трошења од кои државата нема никаква корист, наместо да штеди и да вложува во проекти што носат максимална корист при минимални вложувања.
———–
Извори: Државен завод за статистика, НБРМ

Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).
Следете нѐ на Фејсбук
ОВДЕ