Пожарот кој вчера попладне избувна во депонијата „Дрисла“ повторно ја разбуди загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во главниот град. Фотографии со густ чад што се шири над Скопје преплавија социјални мрежи, но премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека испитувањата не покажале алармантни нивоа на штетни честички.
„Визуелно изгледа страшно, но параметрите не се така алармантни,“ рече Мицкоски за време на посетата на Општина Гази Баба. Според него, прашањето е „кому му одговара“ вакви пожари да се случуваат токму сега, алудирајќи на намерни палења.
Пожарот во „Дрисла“ сè уште е активен и се гаси со затрупување на критичните делови, бидејќи гаснењето со вода не дало резултати. Мицкоски потсети дека пред десетина дена изгоре и депонијата во Вардариште, која се создава повеќе од 35 години.
Тој најави решавање на проблемот преку модел на јавно-приватно партнерство и тендер за изградба на модерна европска депонија, со фабрика што ќе произведува енергија, ќе складира и ќе рециклира отпад.
„Ќе има невладини што ќе бидат против, но мора да се издржи,“ рече премиерот, нагласувајќи дека оваа влада за првпат уапсила лица кои нелегално топеле кабли во Вардариште за да извлечат бакар.
Тој додаде дека метанот од депониите е доволно запалив за да избувне пожар и со „еден отпушок“, а вакви намерни палења се случуваат речиси секој ден. Владата очекува проблемот со палењето на депониите постепено да се надмине со изградба на регионални центри за преработка на отпадот, и покрај отпорот на дел од невладините организации и локалните заедници.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).