Алијанса за Албанците (АА) излезе со остра реакција во која директно го прашува премиерот Христијан Мицкоски дали ќе продолжи да го штити својот коалиционен партнер, Изет Меџити од ВЛЕН, од сериозните обвиненија за корупција кои порано јавно ги изнесе токму ВМРО-ДПМНЕ.
АА потсетува дека во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, редовно објавуваше скандали и бројки за наводни злоупотреби во Општина Чаир. Пратеникот Антонијо Милошоски дури јавно обвини дека Меџити како градоначалник зел провизија од 450 илјади евра за проектот на плоштадот „Скендербег“. Денес, истите тие кои го нарекуваа Меџити симбол на корупција, седат со него како коалициски партнери во Владата.
„Ако Мицкоски заборавил, јавноста не заборави,“ се вели во соопштението на АА, со потсетување дека ВМРО-ДПМНЕ некогаш го обвинуваше Меџити за криминали, злоупотреби и провизии.
АА бара одговор дали сега Мицкоски се откажува од тврдењата на својот пратеник Милошоски само за да го заштити Меџити и дали ВМРО-ДПМНЕ навистина веруваше во тие обвинувања или тие биле само „евтин популизам“.
„Дали оваа партија е подготвена да ги затвори очите пред наводниот криминал само за да остане на власт?“ – прашуваат од АА, додавајќи дека борбата против корупцијата не смее да биде предмет на пазарење.
Во соопштението се нагласува дека нема место за компромиси со криминал, ниту за алиби за политичка дволичност. „Време е ВМРО-ДПМНЕ да покаже дали ќе избере владеење на правото или удобност во власта,“ истакнуваат од АА.
Пораката до јавноста е јасна – граѓаните нема да прифатат двојни стандарди, односно едно да зборуваш кога си во опозиција, а друго да правиш кога ќе дојдеш на власт. „Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се претстави како носител на промени, мора јавно да се определи: дали ќе застане на страната на правдата или ќе биде соучесник во практиките на корупција кои самата партија ги разобличуваше,“ се заклучува во реакцијата.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).