„Скандал во обвинителството: обвинител им се заканувал на колешки дека ќе ги фрли од шести кат!“

Еден од највисоките обвинители во земјата, кој до неодамна ја извршувал функцијата Виш јавен обвинител во Скопје, се најде на обвинителна клупа поради серија тешки обвиненија за малтретирање на вработени и злоупотреба на службена положба. Основното јавно обвинителство Штип, по повеќемесечна истрага, поднесе обвинителен акт со кој го товари за пет кривични дела, меѓу кои и малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службени овластувања.

Истражните органи утврдиле дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, обвинетиот систематски вршел психички притисок и закани врз пет свои колешки – вработени во обвинителството. Со позицијата на хиерархиски надреден, тој користел навредлив јазик, им се заканувал дека ќе ги избрка од работа, ќе ги претепа, па дури и дека ќе ги „фрли од шести кат“. Дополнително, дел од нив биле омаловажувани со зборови дека „му го грделе обвинителството“ и им било забранувано да комуницираат со останатите вработени.

Жените не издржале повеќе и се пожалиле во писмена форма до највисоките институции – Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители и ОЈО Скопје. Наместо да престане, обвинетиот дознал за пријавите и секоја од нив ја викнал на индивидуален разговор, каде со нови закани ги терал да потпишат изјави дека биле изманипулирани. Во спротивно, им ветувал клеветнички тужби од 100.000 евра и дисциплински постапки. Дел од оштетените под овој огромен притисок сепак потпишале.

ИНТЕРЕСНО:  Македонецот што го освои Ла Манш: Евгениј Поп Ацев го оствари сонот на животот

Понатаму, тој ги заверил нивните лични изјави со службен печат, ги внел спротивно на правилата во уписникот на ВЈО Скопје и им доставил писмени барања за јавно извинување. Наместо законски постапки, обвинителот го користел својот авторитет за приватна одмазда. На еден состанок со сите вработени, тој дури јавно ги понижувал и исмевал оштетените пред колегите.

Последиците биле сериозни – една од оштетените развила анксиозно растројство, а повеќето од нив подолг период работеле во атмосфера на страв и закани.

Обвинителството побара од судот да му изрече мерки на претпазливост: редовно јавување во институциите, одземање на патни исправи и забрана за контакт со жртвите. Но, истрагата не завршила само со него. Доказите посочиле и на вмешаност на уште еден јавен обвинител, со кого заеднички, како соизвршители, вршеле злоупотреби во повеќе предмети во периодот јануари 2023 – август 2024 година.

Двајцата, според обвинението, намерно одолговлекувале заведување на предмети и ги доделувале директно, со што се овозможувала имотна корист за други лица и биле сериозно повредувани правата на странките.

Овој случај ја отвора едната од најчувствителните теми – кој ќе ги штити граѓаните кога самите обвинители, кои треба да ја бранат правдата, ја злоупотребуваат својата функција?


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО