СДСМ внимателно ги следи информациите објавени во медиумите, откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) минатата недела соопшти дека доставила три известувања до Јавното обвинителство против поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот 2019 – 2024.
Според брифинзи пренесени од повеќе медиуми, биле оформувани предмети за оперативни обработки насочени кон лидерот на поранешната опозиција и сегашен премиер Христијан Мицкоски, јавен обвинител, поранешен министер и кон новинари.
Кредибилитетот на АНБ под прашалник
– Факт е дека кредибилитетот и довербата на граѓаните во АНБ се целосно нарушени, по скандалот со назначениот партиски директор, Бојан Христовски. АНБ се партизира и се става во функција на ВМРО‑ДПМНЕ и можноста од злоупотреби е огромна, изјави Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ.
Оттука, СДСМ ќе се воздржи од коментари додека надлежните истражни органи не утврдат фактичка состојба. Очекуваме транспарентна и законска постапка да даде одговори на сите прашања.
Очекувања на СДСМ
– Убедени сме дека незаконското следење заврши со падот на режимот на ВМРО‑ДПМНЕ, додаде Кузевска.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).