Родителите и најблиските на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 21 пат излегоа на улиците, повторно барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ се одржа по добро познатата рута – од „Паркот на револуцијата“, преку Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, па сè до Основниот суд и Обвинителството.
Таму, роднините директно им се обратија на судиите и обвинителите, потсетувајќи дека три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден по објавата дека Обвинителството ја проширува истрагата за трагедијата во „Пулс“.
Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Покрај тоа, Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на сите претходно определени мерки со кои треба да се обезбеди присуството на обвинетиот во текот на постапката.
Со овие нови обвиненија, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите остануваат истрајни во нивната борба – секојдневно, јавно и гласно барајќи одговорност и правда.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).