Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, порача дека Северна Македонија веќе ги има сите потребни гаранции од Европската унија и дека сега е момент за храбри и одлучни чекори, а не за нови политички игри.
Тој истакна дека гаранциите за европскиот пат земјата ги доби уште со усвојувањето на преговарачката рамка, во која, како што рече, сите чувствителни прашања се веќе уредени, и затоа не смее да се злоупотребува темата за ЕУ во дневнополитички цели.
Османи нагласи дека европската перспектива е тесно поврзана со постојаните историски притисоци од „српскиот свет“, кој и денес, според него, делува како паралелен систем со цел да ја саботира европската агенда на земјата.
Тој порача дека во моментов постојат само две опции – да се оди со ЕУ или да се остане во орбитата на „српскиот свет“, бидејќи, како што нагласи, сива зона во таа дилема не постои.
„Секој чекор кон ЕУ е воедно и оттргнување од српскиот свет, а секој што прави таков чекор веднаш станува цел на напади,“ изјави Османи.
Во тој контекст, тој се потсети и на историските настани, како атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров, кој се случил ден по неговото враќање од Белград и најавата дека земјата ќе излезе од Југославија.
Османи додаде дека сите обиди за договор со Бугарија или Грција, како и секој потег за приближување кон ЕУ, секогаш наидуваат на жестока демонизација и пропаганда, бидејќи тоа претставува јасно дистанцирање од „српскиот свет“.
На крајот, тој остро ја критикуваше актуелната влада, обвинувајќи ја дека со својата сервилна политика ја блокира европската перспектива на државата.
Османи оцени дека токму поради тоа Северна Македонија денес е претворена во „бебе на српско-рускиот свет“, кој според него, ги заробил сите институции и механизми на системот.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).