„Не е само неправда – тоа е срам за демократијата“: Стерјовски со остри критики до Брисел

Реакции предизвика одлуката на Европскиот парламент да го отстрани терминот „македонски народ и јазик“ од најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, остро ја осуди измената, нарекувајќи ја „срамна страница во историјата на Европскиот парламент и сериозен удар врз основните принципи на Унијата“.

„Со попуштањето пред националистичките барања на Бугарија, ЕУ испраќа опасна порака дека нејзините институции не се во состојба или не сакаат да ги заштитат правата на малцинствата. Македонското малцинство во Бугарија со децении се соочува со системска дискриминација и политичко исклучување,“ изјави Стерјовски за весникот „Македонија“ од Канада, пред својата посета на македонската заедница по повод Илинден.

Тој потсети дека Европската слободна алијанса (ЕФА), каде членува и МАЕИ, заедно со организацијата ОМО „Илинден“ – Пирин, излегоа со заедничка реакција до европските институции, предупредувајќи дека потценувањето на македонскиот идентитет создава правно опасен преседан и го поткопува духот на европската рамноправност и различност.

Според бугарската дипломатска доктрина, билатералните спорови со Македонија произлегуваат од недовршени процеси на историско помирување. Бугарија повикува на строго почитување на Договорот за добрососедство од 2017 година, кој бара заемна координација во толкувањето на заедничката историја.

ИНТЕРЕСНО:  Мицкоски: „Не покачуваме, а странците се мачат“

Правниот систем на Република Бугарија, кој ја дефинира државата како заедница на граѓани, не препознава формално етнички малцинства. Тоа не значи, според бугарските власти, негирање на индивидуалните права – туку претставува рамноправен граѓански модел, во кој сите граѓани имаат еднакви права, независно од нивната етничка или културна самоидентификација.

Иако не постои правна категорија „македонско малцинство“, секој граѓанин на Бугарија има право на самоопределување. На пописот во 2021 година, повеќе од илјада лица се изјасниле како Македонци.

Организациите кои бараат статус на „македонско малцинство“, како ОМО „Илинден“ – Пирин, неколку пати беа одбиени од бугарските судови поради несогласување со Уставот, кој не дозволува создавање на партии на етничка основа.

Во контекст на европската дебата, Бугарија се претставува како земја што штити историската вистина и европските вредности од политички ревизионизам, одбивајќи да прифати формулировки што, според неа, ја нарушуваат историската вистина и создаваат услови за идни тензии.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО