Научната заедница во земјава алармира дека Охридското Езеро, кое е светско природно и културно наследство, се соочува со сè поинтензивно загадување и истребување на живиот свет, а институциите речиси ништо не преземаат за да ја сопрат оваа состојба.
Загриженост поради ваквиот развој изрази и претседателката Гордана Силјановска Давкова, која оцени дека за спас на регионот е неопходен посебен закон.
Експертите укажуваат дека главниот извор на загадување се отпадните води и фекалиите, а причина за тоа е колекторскиот систем, стар повеќе од четири децении, кој е нефункционален и не може да го спречи излевањето на нечистотии во езерото.
Ситуацијата дополнително се влошува поради сè поголемиот број нелегални градби кои никнуваат покрај брегот, како и зголемениот број пловни објекти што негативно влијаат на екосистемот.
Научниците предупредуваат дека најголемиот проблем е отсуството на навремена акција и дека властите реагираат само декларативно или откако веќе е направена непоправлива штета.
УНЕСКО, пак, со години наназад во своите извештаи потенцира на итната потреба од заштита на езерските води од загадување.
Споделувајќи ја оваа загриженост, претседателката Силјановска Давкова предложи донесување на „лекс специјалис“ за Охрид и регионот, што би овозможило долгорочна и суштинска заштита на ова природно и културно богатство.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).