Во Основниот кривичен суд денеска започна судскиот процес против лицето обвинето за физички напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Инцидентот, кој предизвика бурни реакции во јавноста, се случи на 11 јули во скопската населба Капиштец, додека Арсовска и службени лица вршеле теренска контрола по пријава за бесправна градба.
Според обвинителниот акт, обвинетиот С.Љ. ѝ се доближил на Арсовска на електричен тротинет, по што ја нападнал физички – прво со удари по лицето и раката, а потоа и со клоца во левата потколеница. Нападот се случил пред очите на полициски службеници и градски инспектори.
„Освен што ѝ нанел телесни повреди, обвинетиот предизвикал чувство на страв и загрозеност кај Арсовска, но и вознемиреност во јавноста“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Случајот дополнително доби тежина поради фактот што се случил додека градоначалничката била на службена должност, при контрола за нелегални приклучоци и урбано нарушување на просторот. Обвинетиот во моментот се наоѓа во притвор, а судскиот процес се очекува да добие големо медиумско внимание.
Град Скопје и Јавното обвинителство најавија дека нема да толерираат напади врз јавни функционери и службеници при извршување на службени дејности. Очекувањата се дека правосудните институции ќе реагираат со целата строгост на законот.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).