Министерството за внатрешни работи влегува во голема набавка: со договор склучен на 18 август 2025 година, ќе бидат купени 120 нови возила Peugeot 408 Allure 1.6 PureTech 215 KS EAT8, по вкупна вредност од речиси 4 милиони евра (239.068.000 денари).
Согласно спецификацијата, станува збор за модерни лимузини со 5 врати, со 1.6-литарски бензински мотор со зафатнина од 1.598 см³, моќност од 158 kW и вртежен момент од 300 Nm. Возилата доаѓаат со автоматски осум-степен менувач и ги исполнуваат строгите EU6 стандарди за емисија на гасови.
Кога станува збор за перформанси, Peugeot 408 забрзува од 0 до 100 km/h за 7,9 секунди и има максимална брзина од 220 km/h, со комбинирана потрошувачка од 7 литри на 100 километри. Во тестовите за пасивна безбедност (Euro NCAP), моделот освоил 4 ѕвезди.
Димензиите на возилото се должина од 4.687 мм и висина од 1.478 мм, со капацитет за 5 патници и багажник со волумен од 536 литри. Сите автомобили ќе бидат набавени во бела боја.
Возилата ќе пристигнат со комплетна задолжителна опрема: воздушни перничиња за возачот, совозачот и странични воздушни перничиња, автоматска клима, електрични стакла на сите врати, електрично подесување и греење на ретровизорите, сензори и камера за паркирање на задната страна, како и 18-инчни алуминиумски бандажи.
Со оваа набавка, МВР значително го обновува својот возен парк, што според надлежните треба да ја зголеми мобилноста и ефикасноста на службите на терен.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).