Максим останува во игра: ЗНАМ го пушта во Куманово, а Лабудовиќ во Центар

Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, и официјално доби зелено светло од партијата да трча за трет мандат. Одлуката беше донесена едногласно на денешните седници на Извршниот и Централниот одбор на ЗНАМ, со што Димитриевски и формално влегува во трката за еден од најголемите градови во државата.

ЗНАМ не застанува само на Куманово. Во скопски Центар партијата ќе го кандидира Мирослав Лабудовиќ, актуелен заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини. Со ова, движењето става акцент на две клучни општини каде што верува дека може да покаже сила и резултати.

Нов момент е договорот со ВМРО-ДПМНЕ: двете партии постигнале спогодба за заемна поддршка во делот на кандидатите за градоначалници. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе со сопствени кандидати во Куманово и Центар, туку ќе ги поддржи Димитриевски и Лабудовиќ. За возврат, ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во сите останати општини, вклучително и во град Скопје.

ИНТЕРЕСНО:  Случај „Обвинувања на Кедев“: Откриени членовите на интерната комисија за истражување на наводи за непотребни операции

„ЗНАМ настапува релаксирано и без притисок. Не одиме по секоја цена со кандидати за сите општини. Сега имаме два утврдени кандидати, но не исклучуваме и нови изненадувања,“ изјави портпаролот Никола Мемов по вечерашните седници.

Иако во делот на градоначалнички трки ЗНАМ избира таргетиран пристап, на советнички избори ќе настапи самостојно и масовно. Партијата најави многу сериозни листи за советници во над 50 општини низ Македонија. „Нашите луѓе не се само имиња на хартија. Тоа се личности со чист образ, јасен план и визија за промени,“ додаде Мемов.

ЗНАМ потсетува и на своето учество во Владата, со кое, според нив, веќе покажале дека знаат да раководат независно и ефикасно, ставајќи го интересот на граѓаните пред сè. „Ние сме тука за Македонија, за националните интереси и за реални промени,“ заврши партискиот портпарол.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО