Партијата Левица денеска излезе со остри обвинувања против Министерството за финансии, предводено од министерката Гордана Кочоска Димитриеска. Според нив, министерството донело одлука со која се укинуваат сите додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор – барем до завршувањето на локалните избори.
Во соопштението се наведува дека мерката директно ќе ги погоди работниците што треба да добијат исплати за работа на празници, во недела, за ноќна и прекувремена работа, како и за јубилејни награди, теренски надоместоци и обештетувања во случај на смрт на член од семејство.
Од Левица тврдат дека голем број вработени веќе добиле официјални известувања дека исплатите се стопирани и тоа го оценуваат како „неуставна и незаконска одлука“, бидејќи работничките права се гарантирани со закон и колективни договори, а не можат да бидат ограничени со акт на работодавецот.
Партијата остро ја нападна власта на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека „додека им ги кратат примањата на работниците, трошат милионски суми за службени возила, луксузни патувања и тендери за блиски фирми“. Според нив, ваквата политика е директно насочена кон финансирање на предизборната кампања на партијата на власт.
Со порака дека „изборите не смеат да се организираат на грбот на работниците“, Левица побара од министерката Кочоска Димитриеска веднаш да ја повлече одлуката и да ги почитува законски гарантираните права на вработените.
Случајот дополнително ја вжештува политичката сцена во пресрет на локалните избори и отвора нов фронт во судирот меѓу опозицијата и власта, овојпат со акцент на работничките права и финансиите на јавниот сектор.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).