Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на, како што ја нарекуваат, забрзаната инвазија на „Српскиот свет“ во Македонија. По влезот на српскиот „Телеком“, велат, Белград сега таргетира и клучен дел од банкарскиот сектор преку преземањето на „Алта банка“.
Според ДУИ, зад трансакцијата стои добро испланирана политичка и економска стратегија за заземање на стратешки сектори во државата. Наводно, управувањето со „Алта банка“ во Македонија ќе го преземе поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ, која е блиска до премиерот во економските прашања. Нејзиното поставување, тврдат, е резултат на директно лобирање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кај српскиот претседател Александар Вучиќ.
ДУИ посочува дека назначувањето на гувернерот Трајко Славевски било делумно условено со ветување дека ќе се отстранат сите пречки за влез на „Алта банка“ во Македонија, и покрај предупредувањата од експертите во Народната банка за можните негативни ефекти врз финансискиот углед на државата.
Партијата смета дека ова е само дел од поширока стратегија за зајакнување на врските со Белград и „источниот блок“ – вклучувајќи ги посетите на политичари како Милорад Додик, приоритет на Коридорот 10 пред Коридорот 8, ангажирање српски верски претставници во државни активности и користење на донации со српско потекло.
ДУИ предупредува дека со контрола врз банкарскиот сектор, „Српскиот свет“ би можел да финансира бизниси блиски до власта, да ги вовлече во корупциски шеми и да ја зголеми зависноста од Белград. Според нив, Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност молчат или учествуваат во процесот, а институциите кои треба да штитат државни интереси, всушност го минимизираат проблемот.
Во конкретниот случај, како што објавија дел од медиумите, „Стопанска банка АД Битола“ е пред продажба на српската „Алта банка“. Управниот одбор веќе добил известување за намерата на „Алта груп“ да понуди 3.777 денари по акција, што за сите 390.977 акции би изнесувало околу 24 милиони евра. Овој потег, велат, е дел од регионална стратегија за проширување и модернизација на српската банка.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).