Државата не е подготвена за климатските промени, утврдува Државниот ревизор
Според најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, државата не е доволно подготвена да се соочи со глобалниот предизвик на климатските промени. Недостасуваат јасно дефинирани структури, координација и комуникација меѓу инволвираните институции, а Националниот план за адаптација сè уште не е донесен.
Ревизорите утврдиле дека иако има напредок во креирањето на политики, државата не успеала да воспостави ефикасни механизми за управување со климатските промени. Клучниот закон за климатска акција доцни повеќе од пет години, што значи дека земјата нема институционален систем за справување со климатските предизвици.
Проблеми со податоците за стакленички гасови
Еден од најголемите проблеми е што Македонија нема основни податоци за емисиите на стакленички гасови. Последниот Национален инвентар на стакленички гасови бил изработен во 2019 година, а државата сè уште нема воспоставено база на податоци за овие емисии.
Стратешки цели и финансирање
Државата има амбициозни цели според Ревидираниот национален утврден придонес (NDC) да ги намали емисиите за 82% до 2030 година во споредба со 1990 година, но резултатите од 2019 покажуваат дека намалувањето е само 9,2%. Стратегијата за климатска акција до 2050 година предвидува намалување од 72%, но не и достигнување на “нето нула” емисии, како што е обврска според Европскиот зелен договор.
Потреба од капитални инвестиции
За реализација на мерките за климатска акција до 2050 година, државата ќе треба да инвестира 35 милијарди евра, а дополнителни 121 милијарда евра ќе бидат потребни во енергетскиот сектор. Меѓутоа, во Буџетот не постои систем за климатско означување на проектите, што значи дека државата не знае колку пари се наменети за климатска акција.
Препораки за подобрување на состојбата
Ревизорите, како дел од глобалниот проект „Климатски скенер“, дадоа препораки за надминување на овие проблеми, а резултатите беа презентирани на Светската климатска конференција COP29 во Баку.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).