Ветуваа подобар живот, а донесоа нула резултати“ – жесток напад од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервју за Слободен печат упати силни критики кон актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека нема никаква желба да излезе во пресрет на реалните потреби на граѓаните.

Филипче потсети дека токму ветувањата за подобар живот и повисок стандард беа главната причина ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. „Тоа беа нивните зборови: ќе го подобриме стандардот, ќе го подобриме животот. Но што добивме? Апсолутно ништо. Платите не растат, цените се надвор од контрола, а власта е целосно договорена со големите бизниси, големите фабрики и трговски ланци,“ изјави тој.

Лидерот на СДСМ тврди дека постои невидлив договор меѓу власта и крупниот капитал, кој, според него, е директна причина за тоа што нема вистински мерки за контрола на цените. „Нема контрола на цените, нема фер цена за откуп на грозјето, нема раст на платите – затоа што тоа не им одговара на газдите на големите компании. Владата е на нивна страна, не на страната на народот,“ рече Филипче.

Тој потсети дека неговата партија, кога беше на власт, знаела како да се справи со најголемите кризи во поновата историја на Македонија. „Во ковид-кризата, како и во енергетската криза, иако цените на струјата и гасот беа неколкукратно зголемени, ние најдовме начин да ја држиме инфлацијата под контрола и истовремено да ги зголемуваме платите. Имаше укинување и намалување на ДДВ за струјата и за основните прехранбени продукти. Тоа беше нашата политика – политика во интерес на граѓаните,“ потенцираше тој.

ИНТЕРЕСНО:  Мицкоски: „Не покачуваме, а странците се мачат“

Филипче е дециден дека денес, во услови кога нема глобални катастрофи или воени енергетски блокади, Владата нема никакво оправдување за тоа што не презема мерки. „Сега имаме мирнодопски услови, а нема раст на платите. Владата едноставно нема волја, нема желба да излезе во пресрет на граѓаните,“ оцени тој.

Посебен акцент лидерот на СДСМ стави на предлогот за зголемување на минималната плата. „Ние предложивме минималната плата да порасне на 30.000 денари, односно 500 евра. Тоа е реална потреба на луѓето, тоа е прашање на достоинствен живот. И повторно, Владата одби. Не сакаат да го направат тоа. Тоа покажува дека не станува збор за можност или за средства, туку за желба. Владата нема желба да ги подобри условите на живот,“ изјави Филипче.

Тој потсети и дека СДСМ досега излегувал со повеќе конкретни предлози за подобрување на стандардот на граѓаните, но власта систематски ги игнорира. „Не е прифатен ниту еден наш предлог, иако сите тие се во интерес на граѓаните. Станува збор за чист политички инат и за влада која нема слух за реалните проблеми на народот,“ нагласи тој.

Филипче во интервјуто заклучи дека Македонија има влада која повеќе се грижи за бизнис-договарања отколку за благосостојбата на своите граѓани. „Нивната политика е јасна: договори со големите компании, тишина пред проблемите на народот, и целосна неспособност да понудат визија. Тоа е трагедија за земјава,“ порача претседателот на СДСМ.


Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).

Следете нѐ на Фејсбук ОВДЕ

ИНТЕРЕСНО ОД ИНТЕРНЕТОТ

ОСТАНАТО

#КОМЕНТАРИ

Квалитет на воздух

error: КОПИРАЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО