Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, заедно со кандидатката за градоначалник на Карпош, Маја Мојсова Мијовска, одржаа средба со жителите на оваа општина. Во своето обраќање, Филипче предупреди дека државата повторно е ставена во сериозна опасност – од враќање кон авторитарен режим, продлабочување на сиромаштијата и целосно институционално разнебитување.
Тој остро ги критикуваше актуелните власти за, како што рече, „брутална партизација на институциите, неконтролирано задолжување со сомнителни кредити и политички реваншизам кој го гуши општеството“. Според него, наместо грижа за граѓаните, власта се грижи единствено за себе, партијата и мала група привилегирани луѓе.
Филипче потенцираше дека СДСМ е единствената сила што може да го сопре овој опасен правец и да обезбеди стабилност и иднина. Тој порача дека борбата мора да почне од секое маало и населба, за потоа да се пренесе во општините и големите градови, со цел да се дојде до голема победа која, како што нагласи, ќе ја спаси државата од политички колапс.
„Не ветуваме лесен пат – ветуваме искрена и чесна борба. Само со обединети сили можеме да ја спасиме државата,“ изјави лидерот на СДСМ.
Во исто време, тој ја изрази силната поддршка за кандидатката за градоначалник на Карпош, Маја Мојсова Мијовска, која, како што рече, со своето докторско искуство знае што значи работа со луѓе и разбирање на нивните проблеми.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).