Бугарската новинска агенција БГНЕС, преку уреднички коментар, остро го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека политички и стратешки ја оддалечува Македонија од Европската Унија – која ја нарекува единствениот гарант за постоењето на државата надвор од поранешниот југословенски модел и влијанието на Белград.
Повод за реакцијата е иницијативата на поранешната пратеничка и лидерка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, која пред Уставниот суд го оспори т.н. „втор протокол“ – записник од втората сесија на Заедничката меѓувладина конференција меѓу Македонија и Бугарија, потпишан од тогашните министри Генчовска и Османи пред три години, во периодот кога беше усогласен т.н. „француски предлог“ за надминување на спорот со Софија.
БГНЕС гледа политичка позадина
Во текстот се тврди дека оваа иницијатива не е спонтан потег на „обичен граѓанин“, туку политички мотивирана акција поддржана од врвот на македонската власт, со Мицкоски во позадина, а Поповска – поранешен сојузник на Никола Груевски и ќерка на академик Блаже Ристовски – се користи како фронт фигура.
Според агенцијата, брзата одлука на Уставниот суд за отворање постапка по жалбата на Поповска е уште еден показател дека постои координирана акција на политичкиот естаблишмент за блокирање на договорените обврски кон ЕУ и Бугарија.
Аргументите на Поповска
Поповска во своето барање до Уставниот суд тврди дека вториот протокол е:
-
во спротивност со Уставот, особено во делот на основните човекови права и слободи;
-
несоодветен по форма и содржина за правен акт што регулира член од билатерален договор;
-
документ што предизвикува штетни последици по македонскиот идентитет, јазик и државност;
-
донесен без ратификација во парламентот и без објавување во „Службен весник“;
-
во спротивност со Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународни договори.
Таа бара од Уставниот суд целосно поништување на протоколот.
Суштината на спорниот протокол
Документот предвидува:
-
Македонија да ја одржи следната меѓувладина конференција со ЕУ дури по внесување на Бугарите како конститутивен народ во преамбулата и уште два члена од Уставот;
-
гаранција дека ниту еден уставен член не може да се толкува како основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија во име на заштита на правата на лица што не се државјани на Македонија;
-
мерки за борба против говор на омраза кон Бугарите и Бугарија.
Реакција од ЕУ и Бугарија
БГНЕС потсетува дека обидите за ревизија на ваквите договори веќе наидоа на цврст отпор од лидерите на ЕУ – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, кои порачаа дека „нема план Б“ и дека Македонија мора да го исполни договореното во 2022 година без нови преговори.
Агенцијата предупредува дека обидот на Скопје да ги прогласи меѓународните договори за неусогласени со Уставот е опасен преседан кој може да доведе до „ликвидација на целиот напредок од 2017 година“ постигнат со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Заклучок на БГНЕС
„Бугарија е должна да реагира на ова грубо кршење на меѓународното право и да ги убеди своите сојузници во ЕУ дека се соочува со обид за поништување на постигнатото. Секоја ревизија на договореното мора да биде спречена со јасна и категорична позиција,“ заклучува авторот.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).