Годишното обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Европскиот парламент во Стразбург донесе силна порака до регионот: иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Во својот говор познат како „Состојбата на нацијата“, таа порача дека ЕУ мора да стане поголема, посилна и пообединета за да биде независна и да одговори на предизвиците од современиот свет.
Фон дер Лајен истакна дека проширувањето е процес кој мора да се води врз основа на заслуги, но дека брзината е исто толку важна. „Само обединета Европа може да биде независна Европа. За Украина, за Молдавија, за Западен Балкан – нивната иднина е во нашата Унија“, изјави таа, додавајќи дека следното обединување на Европа мора да се реализира.
Таа побара напуштање на принципот на едногласност во клучни области, особено во надворешната политика, и воведување на квалификувано мнозинство. „Време е да се ослободиме од оковите на едногласноста. Нашата Унија мора да биде побрза и да испорачува резултати за Европејците,“ рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека тоа е клучот за да се добијат „моментите на независност на Европа“.
Една од најсилните пораки беше насочена кон поддршката за Украина. Таа предложи ЕУ да најде нови механизми за финансирање на одбраната на Киев, користејќи ги замрзнатите руски средства. „Ова е руска војна, и Русија треба да плати,“ порача шефицата на Комисијата.
Говорот на Фон дер Лајен, кој траеше повеќе од еден час, беше проследен со аплаузи, но и со остри дофрлувања од пратениците. Дел од европратениците беа облечени во црвено, како симболична поддршка за Газа. Аплауз предизвика и најавата дека ЕУ ќе воведе санкции против клучни израелски функционери, како и делумно суспендирање на Спогодбата за асоцијација со Израел во делот на трговијата. „Ќе ја ставиме билатералната поддршка на чекање, ќе ги замрзнеме плаќањата и ќе санкционираме министри и насилни доселеници,“ изјави Фон дер Лајен.
Во завршницата од обраќањето, таа повика на Унија заснована на еднаквост, демократија и владеење на правото. Одговарајќи на критиките за договорот со САД, за кој дел од европратениците подготвуваат иницијатива за недоверба, Фон дер Лајен изјави: „Обезбедивме Европа да го добие најдобриот можен договор“.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).