Еден црногорски војник го загуби животот, а друг беше повреден кога цистерна за вода се преврте во близина на Куча за време на мисија за гаснење пожари. Двајцата биле дел од тимовите кои се борат со огнената стихија што го зафати регионот.
Во областа Пипери, пожарникарите цела ноќ се бореле со пламенот кој се ширел со неверојатна брзина поттикнат од силен ветер. Жителите сведочат за сцени исполнети со густ чад, оган и паника, а некои едвај се спасиле. Материјалната штета е огромна, а нови жаришта се појавуваат и во други делови на земјата.
Во гаснењето помагаат тимови од Србија, Хрватска и Италија. Властите предупредуваат дека температурите над 40°C и силните ветрови создаваат совршени услови за ширење на пожари, при што не секогаш причината е човечки фактор.
Огнената катастрофа не ја заобиколи ниту Турција, каде што два дена се бори со пожарот во покраината Чанаккале. Дарданелите се привремено затворени, а стотици жители се евакуирани по вода и копно. Десетици домови и автомобили изгореа.
Пожари беснеат и во Шпанија – од древното село Орелана во Националниот парк Лас Медулас, до околината на Мадрид и Тарифа кај Гибралтар, каде 2.000 луѓе беа евакуирани. Во Франција, 200 хектари шума и полиња изгореле за само 12 часа, но пожарникарите успеале да ја стават стихијата под контрола.
Експертите предупредуваат дека климатските промени го прават растителниот свет посув и полесно запалив, што ги претвора ваквите пожари во сѐ поголема закана за Европа.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).