Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска остро се осврна на, како што ги нарече, „лажните русофили“ во Србија, обвинувајќи ги дека намерно се обидуваат да ги влошат односите меѓу Србија и Русија преку ширење дезинформации. Според него, тие постојано пласираат приказни дека Белград наводно е на пат кон НАТО, што, како што нагласи, е целосна лага.
Вучиќ потсети дека неодамна имал добар, отворен и фер разговор со делегација од Москва за време на посетата во Кина. Тој подвлече дека неговите односи со рускиот претседател Владимир Путин се пријателски и стабилни. Како доказ за тоа ја посочи високата чест што му ја доделила Русија – орденот „Свети Александар Невски“, кој пред него, последен пат бил даден на српски државник пред повеќе од еден век, на Никола Пашиќ.
„Мислам дека тоа зборува повеќе од доволно,“ нагласи Вучиќ, додавајќи дека не може да има збор за влошени односи кога Русија на ваков начин го почитува српското раководство.
Тој ја отфрли тезата дека Србија се движи кон НАТО, подвлекувајќи дека државата никогаш не направила таков чекор. Дополнително, истакна дека и од страна на Алијансата никогаш не бил вршен притисок. „И Столтенберг и Руте секогаш ја почитувале волјата на српскиот народ да останеме воено неутрални. Никогаш не ни барале да влеземе во НАТО,“ рече Вучиќ.
Во врска со меѓународните средби, српскиот претседател нагласи дека секогаш ја претставува Србија и нејзините интереси. Со претседателите на Кина и Русија, како што кажа, разговарал за практични теми што носат директна корист за граѓаните.
„Со Путин зборуваме за политика, но суштината е економската соработка – снабдувањето на Србија со гас, изградбата на нафтоводот со Унгарија. Тоа се работи што влијаат на секој граѓанин,“ изјави Вучиќ, ставајќи акцент на значењето на енергетската безбедност и долгорочната соработка со Москва.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).