Владата на Словенија донесе одлука за воведување санкции против поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик. Со оваа мерка, нему му е забранет влезот во Словенија. Иако прашањето било разгледувано уште пред две недели, одлуката тогаш не била финализирана бидејќи биле побарани дополнителни материјали.
Интересно е што првично се размислувало санкциите да го опфатат и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но словенечките медиуми не објавија ништо конкретно за ова.
Ова не е првиот правен удар врз Додик – уште на 1 август Апелациониот суд на БиХ ја потврди првостепената пресуда со која тој беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавни функции. Причината е непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит. Само неколку дена подоцна, на 6 август, Централната изборна комисија му го поништи мандатот како лидер на босанските Срби.
Додик важи за најблизок политички сојузник на српскиот претседател Александар Вучиќ и одамна е под санкции од САД заедно со луѓето од неговото најтесно окружување.
Иако се соочува со правни казни, Додик продолжува со националистичка реторика. Тој често ги напаѓа ЕУ и НАТО, а истовремено промовира блиски односи со БРИКС и редовно се среќава со Владимир Путин во Москва. На Денот на Свети Сава, во Скопје, тој дури изјави дека „Македонија е пример за безпринципиелноста на ЕУ“.
Во јуни 2024 година, како претставник на Република Српска, учествуваше на т.н. Општосрпски собор, каде што беше усвоена декларација во духот на доктрината „Српски свет“, чиј главен идеолог е санкционираниот српски политичар Александар Вулин.
Покрај тоа, Додик е познат и како еден од најгласните негирачи на геноцидот во Сребреница од 1995 година, кога силите на босанските Срби под водство на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ убија повеќе од 9.000 цивилни Бошњаци – злосторство официјално признаено од Обединетите нации.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).