На 4 септември во Будимпешта, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се сретна со Милорад Додик, обраќајќи му се со „г-дине претседателе“ – и покрај тоа што неговиот мандат официјално му беше одземен со одлука на Судот на Босна и Херцеговина и Централната изборна комисија.
Сијарто изјави дека Унгарија ја почитува волјата на граѓаните на Република Српска кои „демократски ги избрале своите лидери“, со што директно ја оспори легитимноста на босанските институции кои го поништија изборот на Додик.
Будимпешта со години одржува блиски односи со Додик и досега ги блокираше сите обиди на Европската Унија за воведување санкции против него. Унгарскиот дипломат порача дека политиката на санкции и условувања не е решение за Балканот. „Тоа однесување не треба да се применува во меѓународната политика,“ нагласи тој.
Сијарто предупреди и дека „секое странско мешање на Западен Балкан обично завршува со дестабилизација“.
Состанокот се одржа во момент кога властите на Република Српска најавија референдум на 25 октомври со кој би се оспорила важноста на одлуките на Судот на БиХ, Централната изборна комисија и Високиот претставник. Тоа би значело директно отфрлање на државните институции, иако Уставниот суд на БиХ веќе предупреди дека ентитетите немаат право да организираат референдуми за прашања што се однесуваат на државата.
Со поддршката од Будимпешта, Додик добива меѓународна легитимација, иако на домашен план неговиот статус е правно поништен. Овој потег ја покажува поделбата во рамките на ЕУ кон политиките на Балканот – додека мнозинството членки бараат санкции и поголем притисок, Унгарија избира да го зајакне својот сојуз со Додик.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).