Односите меѓу Словенија и Република Српска дополнително се заострија откако Бања Лука реши да возврати на мерките што ги воведе Љубљана против Милорад Додик.
Имено, по телефонска седница, Владата на Република Српска донесе одлука да им забрани влез во ентитетот на две од највисоките словенечки функционерки – претседателката Наташа Пирц Мусар и министерката за надворешни работи Тања Фајон. Според образложението, словенечката забрана за влез на Додик била без јасна правна основа и претставувала мешање во внатрешните работи на БиХ, како и прекршување на меѓународните конвенции.
Со ова, Министерството за внатрешни работи на РС доби задача да ги спречи Мусар и Фајон доколку се обидат да ја посетат територијата на ентитетот.
Да потсетиме, Љубљана минатата недела официјално воведе санкции кон Додик, со што се приклучи на Германија и Австрија, земји кои веќе имаат слични мерки против него. Додик уште од 2017 година е дел и од американската „црна листа“, поради неговите потези што се оценети како кршење на Дејтонскиот мировен договор.
Овој потег на Бања Лука практично го симболизира зацврстувањето на конфронтацијата меѓу РС и дел од земјите-членки на Европската Унија. Додик пак продолжува да ја промовира својата политика на блискост со Белград и Москва, иако се соочува со зголемен притисок и изолација на меѓународната сцена.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).