Грчката јавност е потресена од голем скандал – игуменот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Пелопонез, неговиот најблизок помошник и уште четири лица се во притвор поради сомнеж за илегално тргување со икони и антиквитети. Според грчките медиуми, тие се товарат за формирање и членство во криминална организација, проневера, како и недозволена продажба и поседување на културно наследство.
Целата афера била разоткриена кога полицаец, претставувајќи се како купувач, открил дека игуменот и неговиот соработник сакале да продадат десет византиски икони и две евангелија за 200.000 евра.
При претресот биле пронајдени и запленети 14 икони, две евангелија и верска книга од 18 век, како и 263 стари монети, оружје, муниција и над 12.000 евра во кеш.
Случајот е особено шокантен бидејќи станува збор за манастир со огромна историска и духовна важност – „Мега Спилео“ (Голема пештера) во Калаврита, чијашто историја се поврзува со светите браќа Симеон и Теодор и со чудесното откривање на иконата на Пресвета Богородица уште во 4 век.
По сослушување што траело повеќе од 12 часа, судот во Коринт им одреди мерка притвор на сите осомничени, а грчката јавност со неверување следи како духовни лица се вмешани во криминал околу богатото културно наследство.
Напомена: Ставовите, мислењата и изнесените тврдења во објавените текстови се исклучиво на авторите или на засегнатите лица и организации, и не го одразуваат официјалниот став на екипата на ВАРДАРСКИ МК (vardarski.mk).